Законските забрани за точење алкохол и продавање цигари на малолетници никој не ги контролира и се е препуштено на совеста и одговорноста на трговците. Ова накратко е заклучокот од информацијата во врска со практичната примена на законските одредби за заштита на децата од алкохол и цигари што ја изготви Народниот правобранител согласно Програмата за работа. Со оглед на тоа што согласно законските овластувања Народниот правобранител не е во можност самостојно да го истражи овој проблем побарани се информации од Министерството за економија - Државен пазарен инспекторат и од Министерството за внатрешни работи какви се нивните сознанија за почитувањето на законските одредби според кои е забрането точење алкохол и продажба на цигари на малолетните лица. Од разговорот со директорот на Државниот пазарен инспекторат добиени се информации дека во врска со продажбата на цигари на малолетници ниту се вршени ниту се вршат некакви контроли затоа што не постојат објективни можности за таа цел. Според Министерството за внатрешни работи пак, во првите 11 месеци од минатата година биле извршени повеќе контроли во угостителски објекти низ државата од кои во 13 случаи биле покренати прекршочни постапки за служење алкохол на деца, а против 12 сопственици биле поведени прекршочни постапки.
|